Изложбата на сликарската колонија „ДРЕН 2020“ отворена во штипскиот Дом на култура

Стремежот кон приближување до светските современи ликовни тенденции, артикулирани преку апстрактниот пејзажизам и геометриската апстракција, ги обединува ликовните автори на делата претставени на сликарската колонија „ДРЕН 2020“. Богатството на колористичните звуци и вибрации на лирските апстракции се одбиваат од ѕидната површина и акустично се дифузирааат низ етерот. Притоа, со одѕвонувањето на боените звуци, авторите го декодираат клучот на една имагинарна реалност и димензија. „ДРЕН“ постои од 2008 година и оваа година ја организира сопствената дванаесетта колонија. На изложбата учествуваат четиринаесет уметници, меѓу кои: ЏигдемЃуллу, Ибрахим Беди, Мирко Вујисиќ, Микица Трујкановиќ, Драган Најденовски, Марија Стојаноска Петковски, Тони Чатлески, Мирјана Крстева Масети, Владимир Темков, Жани Гелевска, Марјан Стојаноски, Александра Димитрова, Ангел Коруновски и Тамара Танкоска.

Композицијата на Марјан Стојаноски се одликува со архитектонско просторно решение на боените површини. Конструкцијата на рамнината ја исполнуваат две карактеристични бои – окер и бела, вклучувајќи ги сината и црвената боја кои продираат, во одредени сегменти, низ масивниот бел боен појас. Притоа, врз површината на композицијата, без намера да се создаде било каков облик или форма, со помош на познатиот dripping метод, грижливо е иведена црвена линија. Стремејќи се кон градење на апстрактно – пејзажни композиции, Александра Димитрова ја ослободува формата и природниот облик на предметите, трансформирајќи ги во боени знаци. Ангел Коруновски размислувајќи за архитектурата на празниот простор, создава боени површини, коишто асоцираат на конструктивни отвори или прозорци вградени во ликовното објективно суштествување. Симплифицираниот израз на композицијата на Тамара Танкоска, зборува за создавање на чисти обоени површини финиширани со линии создадени од ритмично – динамични потези на четката, применувајќи го dripping методот.

Ингенијалната перспектива на творечкиот опус присутен на изложбата, продолжува со делото на Мирјана Крстева Масети каде што композицијата вибрира со сеопфатна окупација на сетилата од страна на нечие далечно сеќавање кое одекнува низ текстот испишан врз платното, како минато ехо на нечии туѓи емоции. Меѓутоа, текстот не е единствен кој плени и заробува. Сликарската конструкција ја сочинуваат површини обоени со сини, црвени и жолти тонови, создавајќи спокоен и интимен амбиент.