
Ако има вистински луѓе на вистински места, секој професионално ќе работи и државата ќе тргне напред, смета претседателката на Државната комисија за спречување корупција, Билјана Ивановска. Таа вели дека главен проблем кај нас е тоа што во вработувањето е вклучена политиката, а тука се и непотизмот и трговијата со влијание. Смета дека многу одамна владеачките партии требало да ги донесат Законите кои ќе го спречат тоа, но такво нешто досега нема.
„Проблем број еден кај нас е вработувањето. Ако ние успееме да имаме вистински луѓе на вистински места, многу брзо ќе тргне државата напред. Нормално, секој професионално ќе си ја врши својата работа и ќе тргнеме сите напред, но тука е проблемот, затоа што тука се дискреционите права на работодавците, а тие се веќе политички личности, нели, политиката ги назначува, понатаму непотизмот, трговијата со влијание, сѐ е тоа тука вплеткано. Пет години, можам да кажам, Законот за административни службеници не се носи, вработени во јавен сектор исто така, за висока раководна структура исто така. Владеачките партии требаше да смогнат сили и да ги донесат овие закони, а не ги носат, затоа што очигледно не можат да се договорат“, вели Ивановска.
Ивановска вели дека актуелната Државна комисија за спречување корупција, на која ѝ истекува мандатот, отворила голем број прашања, но немало натамошна разрешница на истите. Таа посочува дека треба да има некој кој и во пракса ќе ги спроведе заклучоците од Комисијата.
„Многу работи што ги започнавме, што ги отворивме, што ги претставивме пред јавноста позадински како функционираат, а требаше да се најде некој којшто ќе биде вистински борец, а не декларативен борец против корупција и тоа да го спроведе на дело“, додава Ивановска.
Антикорупциска од 8 февруари 2024 година треба да има нов состав. Мандатот на актуелните членови на Комисијата завршува на 7 февруари 2024 година и тие согласно со Законот немаат право на повторен избор, ниту на продолжување на мандатот до избор на нова комисија.
Ребека Спасова М-Нет