Зголемен бројот на хоспитализации во болниците во Штип и Кочани, новопримени се 11 пациенти

И додека од една страна расте интересот за вакцинација, од друга страна расте и бројот на хоспитализирани пациенти во ковид – болниците. Во штипската болница новопримени се осум пациенти, а во кочанската три. Вкупниот број на хоспитализирани пациенти во Клиничка болница – Штип е 51, а четири пациенти дошле во дневната болница.  Од нив, 42 се во модуларната ковид – болница, а девет на Кожното одделение. Со тешка клиничка слика и на кислородна поддршка се 38 пациенти, а вакцинирани се 14. Испишани се двајца пациенти, но починат е еден пациент на 79 годишна возраст од Радовиш. Во модуларната болница има четири слободни места, а на Кожното одделение едно, информира портпаролот на Клиничка болница – Штип, Марина Шуманска.

Во Кочани, пак, бројот на хоспитализирани е зголемен за три за разлика од вчерашниот ден. Последната ковид – статистика од таму покажува 19 хоспитализирани пациенти. Од нив, три се на кислородна поддршка, а вакцинирани се девет пациенти. Новопримени се три пациента, а нема испишани, ниту починати. На Интерното одделение, кое работи како ковид – оддел има осум слободни кревети, информираат од болницата.

Според статистиката на Министерството, пак, бројот на активни случаи е нешто помал за разлика од вчера, односно за околу 1000 случаи. Со тоа во моментов активни се 5.699 случаи. Во последното деноноќие регистрирани се 487 нови случаи, а оздравени се 1487. Од нив, од источниот регион најмногу се во Штип и Кочани, 28 односно 20 новозаразени, а најмалку – само еден во Берово.

Од оздравените во Штип се 39, а во Кочани 17. Оздравени има во повеќе градови од истокот, а најмал е бројот во Пробиштип и Македонска Каменица – по три.

Статистиката на активни случаи по градови во источниот регион е следна:

Штип – 183, Кочани – 139, Берово – 12, Делчево – 18, Виница – 29, Пробиштип – 52, М. Каменица – 42, Пехчево – 3.

Вкупната бројка на КОВИД-дијагностицирани лица од почетокот на епидемијата изнесува 198.156, бројката на оздравени пациенти е 185.459, а починале 6.998 лица.

Ребека Спасова МНет