
Одговорност за пожарот во дискотеката Пулс во Кочани мора да има – истакна денеска министерот за внатрешни работи Панче Тошковски, давајќи отчет за сработеното во претходната година. Како што истакна за оваа трагедија се поднесени повеќе кривични пријави против министри, градоначалници, директори и слично со што се покажува дека се работи за целосно решавање на случајот.
„За разлика од минатото кога по такви трагични настани немало ниту една кривична пријава поднесено од страна на МВР, сега МВР започна најголема истрага до сега која резултираше со поднесување на повеќе кривични пријави против сторители меѓу кои има и поранешни и сегашни министри, директори, градоначалници, раководители на институции. Одговорност мора да има“ – вели Тошковски.
Кога се во прашање криминалот и корупцијата има уште многу работа вели Тошковски но додава дека се посветени да им служат на граѓаните, а не на криминалците.
„Имаме уште многу работа, криминалот и корупцијата се предизвици со кои се соочуваме. Но, повеќе не им оди затоа што МВР им служи на граѓаните“ – додава Тошковски.
Во трагедијата во кочанската дискотека загинаа 62 лица, а околу 200 беа повредени. По нешто повеќе од три месеци се поднесоа кривични пријави против 34 физички и три правни лица, со можност истрагата да се дополнува.
Лаура Стојанова Ќирчов, М-Нет