
За корка леб Амди Мемедов од Штип и уште неколку дечиња утринава по дождот собираа полжави. Борба за живот и опстанок е секојдневието, вели Мемедов, па секој мора да се снаоѓа на некој начин. Полжавите ги собираат и продаваат за 20 денари за килограм или за цена, како што вели, кој колку може. Мемедов пред камерата на М-Нет Телевизија вели дека работа има за секој кој сака да работи.
„Има работа, кој сака да работи. Има полжави за собирање“, вели Мемедов.
Ова не е единствен начин на кој Мемедов се обидува да опстои. Претходно тој собираше и пластични шишиња, кои ги продаваше по килограм со цел да заработи некој денар барем за еден леб. Ваквиот живот, не е лесен вели тој, но мора да се преживее на некој начин. Мемедов е благодарен што парите ги заработува на чесен начин, било со продавање шишиња или полжави, па не му е важно дали сумата ќе биде голема. Доволно му е само да има барем за еден леб.
Ребека Спасова М-Нет