
Министерот за здравство, Фатмир Меџити, не би се лекувал во штипската Болница оти условите ги смета за катастрофални. При денешната посета на Болницата, Меџити посочи дека условите не се погодни ниту за здравствените работници, ниту за пациентите и затоа потребно е што побрзо да се заврши новата клиничка болница, која Источниот Регион ја чека долго време.
„Јас денеска ги видов просториите, јас и порано сум бил тука како лекар, сум ја посетил болницата. Ова, навистина, не личи на ништо во 21. век. Ние ќе направиме напори што побрзо новата болница да се заврши и здравствените работници да имаат подобри услови за работа, а пациентите да добијат подобри здравствени услуги“, вели Меџити.
Меџити вели дека за еден месец тој требаше да присуствува на отворање на болницата, но зошто тоа нема да се случи, не може да каже за овие два месеца колку што е Министер. Посочува дека нема да се жали на она што било минато, туку со тимот ќе работи Болницата да биде завршена и порано од рокот, којшто е до 2026 година. На почетокот на годинава од Министерството за здравство посочија дека се предвидени речиси 160 милиони денари за продолжување на проектот, од кои дел се од Буџетот на Министерството, а друг дел ќе бидат позајмени.
„Јас мислам дека парите за Клиничка болница – Штип се обезбедени, се во Буџетот. Има некои други законски проблеми, ќе ги решиме со фирмата, а мислам дека, еве, велите 2026, јас мислам дека ако овие денови одлучиме што и како да правиме, мислам дека и многу порано ќе биде пуштена во употреба“, додава Меџити.
Во меѓувреме, околу 200 илјади граѓани од Истокот нова клиничка болница по модерни стандарди чекаат веќе седма година по ред. Грчки Интракат и штипски Бетон направија вонсудски договор во кој штипски Бетон се откажа од каматите и прифати долгот да се исплаќа на рати, но и покрај решавањето на ваквите пречки изградбата на болницата е само 40%.
Ребека Спасова М-Нет