
Од утринава се извршуваат активности на патот во населба Ново Село во Општина Штип. ЈП „Стипион“ уште во текот на вчерашниот ден на нивната страна објави дека нов лежачки полицаец се поставил во Ново Село, а денеска се постави и вториот.
Кај мостот во оваа населба лежачкиот полицаец е поставен во текот на вчерашниот ден и овде ќе биде се додека се одвива транзицијата на возила низ Штип, а потоа истиот ќе се отстрани. Другиот, пак, се постави кај ректоратот и за него надлежните истакнаа дека е Законски планиран од претходно, а сега се мести. Во меѓувреме, сообраќајот се одвиваше во една коловозна лента и беше регулиран од страна на полициски службеници. Се чекаше од три до пет минути.
Во време кога сообраќајот е пренасочен низ Штип и од овде минуваат сите патнички моторни, но и тешки товарни возила, на прашањето од М-Нет телевизија дали сега е најпогодното време за поставување на лежачки полицајци, директорот на ЈП „Стипион“, Трајче Коштанов, одговори позитивно.
„Заради пренасочениот сообраќај овде минуваат секакви возила, а се вози и со голема брзина. Видовме пред некој ден дека жителите на Ново Село протестираа, бидејќи е загрозена нивната безбедност. Поставувањето на овие два лежачки полицајци е токму заради регулирање на брзината со која се вози и гарантирање на безбедноста на граѓаните. Инаку, местото е најпрометно во периодот од 12 до 15 часот, па затоа нашите екипи работат пред тоа. Нема голем застој, сообраќајот се одвива во една лента, а се чека до три минути. За пример само толку се чека и на семафорите во Скопје“, истакна Коштанов. Во текот на вчерашниот ден освен во Ново Село нов лежаки полицаец се постави и во централното градско подрачје во Штип.
Лаура Стојанова МНет