За безбедно движење на тротоарите штипјани да реагираат кај надлежните

Паркирањето на возила на тротоарите од страна на несовесните возачи во Штип е најголем проблем за пешаците. Најмногу поради тоа што ги ризикуваат сопствените животи движејќи се по коловозите.

Општинската сообраќајна инспекторка, Оливера Блажева рече дека овој проблем веќе е констатиран од општинската власт, и поради тоа постепено се уредуваат тротоарите на повеќе локации со поставување на заштитни столпчиња.

Станува збор за локации кои се познати на локалната власт. За оние кои се` уште не се детектирани, Блажева рече дека ќе постапуваат по иницијатива на граѓани. Досега тоа се нема случено, ниту еден граѓанин не реагирал кај надлежните, изјави Блажева.

Тротоарот спроти градскиот стадион е идеален за паркирање. И за таму ќе биде потребна граѓанска иницијатива.

Блажева истакна дека по распишан тендер од страна на Општина Штип, набавени се големи количини столпчиња и со текот на времето, како ќе се реализираат предвидените реконструкции на улиците истите ќе бидат поставувани.

Таков е случајот со крстосницата во населбата Сењак, за која беше најавена реконструкција со поставување семафори за регулирање на сообраќајот, но и поставување на заштитни столпчиња на тротоарите каде во секој период од денот има паркирани возила.

Дотогаш, несовесното паркирање на тротоарите ќе се регулира од претставници на СВР Штип и од вработените во ЈП „Стипион“.

БИЛЈАНА ПОСТОЛОВА

Снимател ГОРАН ХРИСТОВСКИ

Монтажа ВИКТОР МИХАЈЛОВСКИ