Започнува третиот круг во Прва лига: Дерби во Кратово на Силекс и Вардар, Работнички против Тиквеш на домашен терен

Утре со пет натпревари и во понеделник со еден натпервар ќе се одигра 23. коло или првата рунда од третиот круг во Првата македонска фудбалска лига.

Во Кратово ќе се одигра големото дерби меѓу Силекс и Вардар, каде императивот за трите бодови е од капитална важност. Вардар кој го исфрли Силекс од Купот на Македонија е мотивиран и за три бодови во Кратово, но од друга страна Силекс на домашен терен е тежок противник, каде пак тимот на Александар Васоски сака три бодови ако сака да ја донесе титулата во Кратово.

Ова ќе биде повеќе од атрактивно дерби и ќе има повеќе од голема борба на теренот за трите бодови.

Брера Струмица заборави да победува, па струмичани во пролетниот дел немаат триумф. Интересно е тоа што Брера третиот круг го започнува против Гостивар, а токму овие две екипи играат во средата во вонредното коло кога Гостивар со гол во 89. минута ги освои трите бодови.

Шкендија на домашен терен како фаворит ќе го пречека тимот на Пелистер, Шкупи во улогата на фаворит на Чаир ќе се соочи со тимот на Беса, каде гостинот од Добри Дол ќе има голем притисок да започне да победува ако сака опстанок.

Езерско дерби на Струга Трим Лум и Воска Спорт, каде пак стружани ќе бараат нови три бодови и втора победа во низа после големата победа над Шкендија, а Воска Спорт и со бод до некаде може да биде задоволна во трката за опстанок.

Колото ќе се затвори во понеделник со натпреварот меѓу Работнички и Тиквеш, каде „романтичарите“ ќе ја имаат улогата на фаворити и ќе бараат триумф после поразот од Вардар во трката за титулата, а пак освојувачот на Купот, Тиквеш ќе сака нова победа со која би можел да излезе од опасната зона.

Сите натпревари ќе започнат во 14 часот.

Александар Ванев, М-Нет