Започнува Втората женска фудбалска лига со четири дебитанти: Викендот се играат мечевите од првото коло

ФОТО: Александар Ванев | АРХИВА

Утре со два натпревари ќе биде отворена новата сезона во Втората женска фудбалска лига, а првото коло ќе се комплетира в недела со останатите два натпревари. Четири дебитанти, еден повратник, еден тим кој испадна од Прва лига и два лански второлигаши, вака ќе изгледа сезоната 2026/2027.

Ова ќе биде шесто издание на второлигашката конкуренција кај дамите, осумте екипи ќе се борат за првото место кое води кон Прва лига, а пак второто место води кон баражот за место во елитата, каде второлигашот ќе оди на мегдан против претпоследниот тим кој ќе заврши во Прва лига.

Плачковица и Билјанини Извори се екипи кои и минатата сезона беа во Втора лига, Топ Гол испадна од Прва лига, а пак Победа Валандово е повратник во Втората лига, додека пак Менада, Ржаничино, Топ Грлс и Башкими се нови екипи кои по првпат ќе настапат во Втората женска фудбалска лига.

Утре со натпреварот помеѓу дебитантите Башкими и Менада ќе се отвори првото коло во 11 часот, а еден час подоцна во Радовиш ќе се игра мечот меѓу Плачковица и Билјанини Извори.

В недела, од 12:30 часот Ржаничино како дебитант, но и фаворит ќе го пречека повратникот Победа од Валандово, додека пак со мечот во Охрид од 14 часот меѓу Топ Грлс и Топ Гол ќе се комплетира колото.

Александар Ванев, М-Нет