Започна реконструкција на улицата „Широк дол“ во штипска „Автокоманда“, ќе се работи и подземно

Започна реконструкцијата на улицата „Широк дол“ во штипска „Автокоманда“. Најпрво се започнува со промена на водоводната и канализациона мрежа, а потоа ќе се пристапи и кон асфалтирање на улицата. Општина Штип работи заедно со екипи на ЈП „Исар“, и се издвоени околу три милиони денари, општински пари.

„Започнуваме со реконструкција на водоводната и канализациона мрежа во должина од 350 метри. Вкупната инвестиција е три милиони денари од Буџетот на Општина Штип преку ЈП „Исар“. Повеќе од 40 години овде не се променети овие инсталации и целта е целосно да се изврши реконструкција на улицата „Широк дол“. Ова е една од улиците во населбата „Автокоманда“ која оваа година целосно ќе биде реконструирана.“ – вели Јорданов.

Освен улицата „Широк дол“ оваа година е предвидено да бидат реконструирани уште две улици во населбата „Автокоманда“. Ќе се работи прво на подземната инфраструкутура, а потоа и на асфалтирање на улиците. Јорданов посочи дека ќе се работи и на останати улици, ќе биде раскопано, за да биде реконструирано.

„Останатите две улици „Цвета Јованова“ и „4 јули“ се планирани за промена на подземна инфраструктура, третирање на тротоарите и асфалтирање на коловозните ленти. Очекува наредниот месец да се работи на промена на подземната инфраструктура, а подоцна да се навлезе и со асфалтирање“ – додава Јорданов.

Јорданов посочи дека оваа година рекорден број на улици ќе бидат асфалтирани со цел да се подобри изгледот на градот.

Лаура Стојанова М-Нет