Загрижувачка состојба во Штип – нови 60 позитивни случаи регистрирани во последните 24 часа

Штип денес со неславен рекорд од нови 60 позитивни лица на Ковид 19. До редакцијата на М Нет минатите денови пристигнаа бројни реакции од граѓаните што се однесуваат на проблемите со соодветното идентификување на контактите на лица позитивни на Ковид 19.

Граѓаните се жалат за неиздавање на документи за самоизолација на лица кои живеат со докажано позитивен пациент на Ковид 19, непочитување на самоизолацијата како и за нетестирање на истите доколку не развијат симптоми. Добро е познат фактот дека асимптоматските преносители можат да се позитивни и повеќе денови и со тоа да шират зараза во околината.

Реакции има и од медицински лица кои се жалат од пациенти кои имаат закажано тестирање за Ковид 19 за наредните денови, но тие сепак решиле да се прошетаат до амбулантите и меѓу народ, иако се свесни за можноста да го шират вирусот. Свеста кај некои од граѓаните е на многу ниско ниво, затоа и дел од нив се соочуваат со кривични пријави за намерно ширење на инфективна болест. Меѓутоа, она што не е јасно е како е возможно лице со докажан контакт со позитивен пациент слободно да се движи кога е јасен протоколот за задолжителна самоизолација.
Сите реакции сведочеа за различен случај на за нив познати лица. Граѓаните се жалат и за неажурност на одредени лица од државни институции при обид да пријават контакт или лице кое не ја почитува самоизолацијата.
Дали оваа неажурност во бројни примери е главниот виновник за моменталната состојба во Штип и со сѐ поголемиот број на позитивни пациенти?