
По четиридневна потрага, Александар Лазаров – Цуна, кој избега од полициската станица во Кочани, доцна вечерва е пронајден и повторно приведен.
Според достапните информации, Лазаров бил лоциран во Скопје, каде што полициски службеници го лишиле од слобода, со што е ставен крај на потрагата по него. Иако по неговото бегство беше распишана и меѓународна потерница, тој бил пронајден на територијата на Македонија.
Лазаров претходно беше приведен поради сомнение за сторено кривично дело „неовластено производство и пуштање во промет на наркотични дроги, психотропни супстанции и прекурсори“. Случајот привлече големо внимание во јавноста откако тој успеа да избега од полициската станица во Кочани, искористувајќи прозорец.
Со неговото приведување завршува една од најактуелните полициски потраги во изминатите денови, а се очекуваат повеќе информации од Министерството за внатрешни работи за околностите под кои бил лоциран и повторно уапсен.