Жителите на Карбинци в понеделник на Форум ќе може да предлагаат проекти за општината

Проектен форум во рамки на програмата „Зајакнување на општинските совети“ ќе се одржи в понеделник, во Спортската сала во Основното училиште во општина Карбинци. Карбинци е една од десетте општини кои се избрани преку јавен повик на кој аплицираа 28 локални самоуправи. Во рамки на форумот ќе се одржат воведни обраќања на Градоначалникот на Општина Карбинци, претставник од општинскиот Совет и претставник на донаторот, ќе се презентира форумскиот процес, ќе се дискутира во однос на форумската тема и ќе се утврдат начелата на работа. Ќе се идентифицираат и дефинираат проблеми, а ќе се дискутира и за предлог-решенија, проектни и идеи и препораки.

„Програмата „Зајакнување на општинските совети“ се фокусира на неколку компоненти преку кои се подобруваат капацитетите на општините за транспарентно, одговорно и квалитетно испорачување на локалните услуги за граѓаните. Советниците во избраните општини ќе имаат можност да учествуваат во Програмата за развој на капацитетите на општинските советници која вклучува обуки на вкупно 11 теми поврзани со јавен финансиски менаџмент, просторно и урбано планирање, добро управување и борба против корупција, меѓуопштинска соработка, родова рамноправност, животна средина и справување со кризи на локално ниво.“ – соопштуваат од УНДП.

Општината ќе има можност да искористи фонд во висина од 48.000 до 80.000 долари за проекти кои ќе бидат избрани низ директна консултација со граѓаните преку Форумот. Проектите во кои со кофинансирање ќе учествува и Општината се со цел да се подобри квалитетот на живот во локалната заедница. Општината ќе добие и финансиска поддршка во висина од 10.000 до 12.000 долари наменети за воведување дигитални алатки за подобрување на отчетноста, транспарентноста и учеството на граѓаните во работата на општинскиот совет.

Ова е втората група од 10 општини кои ќе учествуваат во втората фаза на „Зајакнување на општинските совети“, а во наредните две години ќе бидат вклучени уште 20 општини. Од УНДП информираат дека „Зајакнување на општинските совети – фаза 2“ е програма со вкупна вредност од 6,6 милиони долари.

Ребека Спасова М-Нет