
Заврши есенската полусезона во Втората футсал лига – есенски шампион е Железарец, ланскиот прволигаш со учинок од шест победи, едно реми и еден проаз собра 19 бодови и заврши како прв.
Одлична есенска полусезона имаше и Каршиака, тимот е втор со 18 бодови, само бод помалку од лидерот, а пак ланскиот прволигаш Црна Река од Кавадарци заврши трет со 17 бодови.
Одлична есен заокружи дебитатот Фудбал Старс од Кочани со 15 бодови, а тимот има пет победи и три порази за четврто место на табелата, а толку бодови има и СЕЕ Университи кој е петти на табелата.
Меѓу овие екипи ќе се води и битката за првите две позиции кои директно водат кон Првата футсал лига. Ланските прволигаши Железарец и Црна Река сакаат експресно враќање во елитата, а со амбиции за Прва лига е и тимот на Каршиака.
На шестото место оваа есен заврши ССК Скопје со 12 бодови, додека пак тимот на Кратово кој домашните мечеви ги играше во Пробиштип заврши на седмото место со десет бодови, колку што има и тимот на Партизан Југ кој е осми во Втората лига.
Екс прволигашот Овче Поле од Свети Николе одигра лоша есенска полусезона, минатата сезона тимот се бореше за експресно враќање во елитата, но оваа есен потфрли во целост и заврши на деветтото место осум бодови, со скор од две победи, две ремија и четири порази.
Тимот на Конзули од Битола е на десеттото место со седум бодови, а ова есен Карадаку остана без бодови и заврши на последното 11-то место.
Најмногу погодоци постигна тимот на Партизан Југ со 57 гола, а пак најдобра одбрана имаше Железарец со примени 20 погодоци. Најлоша одбрана имаше тимот на Карадаку со 68 примени погодоци, додека пак најлоша реализација ефикасност во нападот имаше Карадаку со само 21 постигнат гол.
Александар Ванев, М-Нет