Енис Барди е слободен – се раздели со Трабзонспорт, доби плакета од турскиот клуб

Капитенот на македонската репрезентација, Енис Барди е слободен играч, откако се раздели со турскиот Трабзонспорт и тој може да ја избере новата средина каде би ја продолжил кариерата.

Разделбата на Барди и Трабзонспорт доаѓа на шест месеци пред истекот на неговиот договор. Генералниот секретар на турскиот клуб, Сами Караман, му врачи на Барди плакета за благодарност за соработката изминатите години.

Барди се поврзува со можно враќање во Шпанија, но би можел и да остане во турската Суперлига со тоа што би настапувал за друга екипа.

Својата кариера Барди ја започна во младинскиот тим на Шкупи, од каде продолжи во Брондби од Данска, беше дел од Преспа Бирлик во Шведска, од каде се пресели во Ујпеш во Унгарија. Потоа следуваше трансферот во Леванте во 2017 година, а од таму пристигна во турската Суперлига каде изминатиот период настапуваше за Трабзонспор.

Александар Ванев, М-Нет