Точно еден месец нема никаква трага од исчезнатиот Љупчо, а неговото семејство денеска повторно упати апел до јавноста и побара од надлежните институции конкретни информации за тоа што досега е преземено во потрагата.
Неговиот внук Дарко вели дека семејството веќе еден месец живее во неизвесност, страв и надеж, а во меѓувреме самото се обидува да собира информации и да ги реконструира последните движења на Љупчо.
„Сами бараме, сами собираме информации, сами се обидуваме да составиме каде и како се движел во последните денови. И тука морам јавно да прашам: што се случува со потрагата?“, пишува Дарко.
Според него, иако Љупчо е пријавен како исчезнат, семејството досега не добило конкретна информација за преземените активности.
„Јас, како член на семејството, до ден-денес немам добиено никаква конкретна информација од ниту една институција за тоа што е преземено и што е проверено. Љупчо е пријавен како исчезнат, а сепак не го гледаме ниту на официјалната страница на МВР меѓу исчезнатите лица“, наведува тој.
Семејството бара одговор и дали во потрагата се користат снимките од камерите низ Скопје и можностите на системот „Безбеден град“, бидејќи, како што тврди Дарко, постојат информации за дел од последните движења на исчезнатиот.
„Дали треба семејството само да открива каде се движел исчезнатиот човек? Дали ние треба сами да ги бараме камерите, сведоците и неговите последни траги? Кој активно ја води потрагата по Љупчо?“, прашува тој.
Дарко нагласува дека семејството не бара ништо повеќе од институциите освен да добие информации за тоа што е направено во изминатиот месец.
„Љупчо не е само број на пријава. Љупчо е нечиј брат, вујко, татко, сопруг и човек кој има семејство кое секој ден чека да се врати дома“, пишува во апелот.
Семејството истовремено ги повикува граѓаните од Скопје и околината внимателно да погледнат околу себе и да пријават доколку го забележале Љупчо или располагаат со каква било информација што би можела да помогне во потрагата.
„Ве молиме споделувајте. Не дозволувајте ниту една трага да биде занемарена. Еден месец без никаква трага. Љупчо мора да биде пронајден“, порачува Дарко.
Информации може да се пријават на 112 за итни случаи, во полиција на 192 или до семејството преку Viber на бројот +43 660 482 5979.
Текстот Еден месец ни трага, ни глас од Љупчо – семејството прашува: „Кој ја води потрагата?“ е превземен од МАКФАКС.