ДУИ: Уставниот суд донесе одлука со која се создава исклучително опасен преседан за албанскиот јазик и за правната сигурност во земјата

Вчера Уставниот суд донесе одлука со која се создава исклучително опасен преседан за албанскиот јазик и за правната сигурност во земјата.

Наместо прашањето за објавувањето на правилникот само на македонски јазик да го разгледа во светло на уставните и законските обврски за објавување на актите и на албански јазик, Судот го разгледа прашањето преку материјалниот аспект на актот, реагираат од ДУИ.

Според оваа партија, уставноста не се однесува само на содржината.

„Таа опфаќа и постапка, форма и почитување на уставните правила за начинот на кој е донесен и стапува во сила еден акт.

Самиот Уставен суд, во својата досегашна практика, оценувал вакви прашања, а вчера застана спротивно на сопствената практика, кршејќи ги сите норми.

Затоа прашањето е неизбежно:

Ако објавувањето спротивно на уставните и законските барања повеќе не е прашање што може да се разгледува во рамките на формалната уставност и законитост, тогаш каква вредност имаат самите уставни правила за постапката и објавувањето на актите“.

Од партијата на Ахмети додаваат дека ова не е прашање само за еден правилник.

Тоа е, велат од таму, прашање за албанскиот јазик, за правниот поредок и за правната сигурност на секој граѓанин.

„Затоа што, ако еден акт може да биде објавен само на македонски јазик и тоа да нема релевантност за уставната контрола, што гарантира дека утре истиот стандард нема да се применува и на други акти?

И тука треба да потсетиме на нешто суштинско: албанскиот јазик не е уставен украс. Тој е дел од уставниот поредок.

Затоа, она што се случи вчера не смее да се нормализира ниту да се релативизира.

Не станува збор само за еден правилник. Станува збор за тоа дали Уставот, законите и правната сигурност важат еднакво за сите.

И токму затоа, ова прашање не завршува со вчерашната одлука“.

Текстот ДУИ: Уставниот суд донесе одлука со која се создава исклучително опасен преседан за албанскиот јазик и за правната сигурност во земјата е превземен од МАКФАКС.