Драконски казни од ФФМ: Шкендија најтешко санкционирана, казнети и Силекс и Вардар

Дисциплинската комисија на Фудбалска федерација на Македонија донесе серија строги санкции за клубовите по инцидентите и недоличното однесување на натпреварите од завршницата на сезоната, а најголем удар претрпе ФК Шкендија, која се соочи со високи парични казни и дополнителни дисциплински мерки.
Поради употреба на пиротехнички средства во финалето на Купот на Македонија, ФК Силекс е казнет со 5.000 евра, додека ФК Шкендија доби казна од 15.000 евра за истиот прекршок.
Сепак, тука не завршуваат санкциите за тетовскиот клуб. Дополнително, Шкендија е казнета со 10.000 евра поради националистички скандирања и навредливи слогани на национална основа, како и со уште 20.000 евра поради истакнување транспарент со нацистичка содржина, прекршок за кој претходно реагираше и УЕФА.
Особено сериозна е одлуката за исклучување на Шкендија од натпреварувањето во Купот на Македонија за сезоната 2026/27, придружена со парична казна од 30.000 евра. Причина за оваа мерка е одбивањето на клубот да ги прими медалите на свечената церемонија по финалето, како и однесувањето оценето како непочитувачко кон официјалните лица и противничкиот тим.
Дополнително, клубот доби уште една казна од 30.000 евра и забрана за присуство на публика на следните четири домашни натпревари поради исвиркување на националната химна и дискриминаторско однесување за време на финалниот меч.
На листата на санкционирани клубови се најде и ФК Вардар, кој е казнет со 15.000 евра поради навредливо скандирање од трибините и несоодветна прослава на шампионската титула од страна на фудбалерите. Воедно, против Вардар е поведена и дополнителна дисциплинска постапка поради употреба на пиротехнички средства на натпреварот од 33. коло против Шкендија.
Одлуките на Дисциплинската комисија испраќаат јасна порака дека ФФМ ќе продолжи со строга политика кон сите облици на недолично однесување, дискриминација и нарушување на спортскиот дух на фудбалските терени во Македонија.