Донирани над 60 пакети од „Црвениот тепих на хуманоста“ во рамки на „Бадникови поворки“

Заврши хуманитарната акција „Црвен тепих на хуманоста“ како дел од традиционалните „Бадникови поворки“. Хумани граѓани и општествено – одговорни компании донираа нерасиплива храна, а волонтери беа задолжени за селекција и дистрибуција на истата. Повеќе од 60 социјално загрозени семејства непосредно пред празникот добија храна, пакетчиња, играчки и облека.

„Благодарение на сите хумани наши сограѓани и на одредени општествено – одговорни компании успеавме да спакуваме и да дистрибуираме во изминативе два дена околу 60 пакета со нерасиплива храна, околу 60 новогодишни пакетчиња за деца, неколку пакета со детска облека, со детски играчки, огромни пакети со средства за лична хигиена и еден нов компјутер што отиде во рацете на едно многудетно семејство. Благодарение на сите тие хумани сограѓани и одредените општествено одговорни компании ја реализиравме оваа акција, а во истата беа вклучени триесетина волонтери“, истакна Милена Ристова – Михајловска, Координатор за „Бадникови поворки“ – Штип.

Донациите се собираа три дена на јавно – прометна површина во централното градско подрачје. Пакетите, пак, се доставуваа изминативе два дена на семејства кои живеат во немаштија, многудетни семејства, семејства на самохрани родители, луѓе што живеат сами и луѓе на кои им значи и најмала помош.

„Во периодот од 29 до 30 декември 2021 година беше поставен „Црвен тепих на хуманоста“, каде се донираше нерасиплива храна, која понатаму беше наменета за ранливите семејства. Благодарение на ОО Црвен Крст – Штип опфативме семејства од општините Штип и Карбинци“, додаде Ристова – Михајловска.

Акцијата „Црвен тепих на хуманоста“ се реализираше со поддршка на Брегалничката епархија, а истата се спроведува во над 15 градови од државата. Поворките веќе втора година по ред се заменети со хуманитарната акција. Поради пандемиските услови кои налагаат воздржување од поголемо групирање, „Бадниковите поворки“ ја шират топлината, мирот и радоста за Христовото раѓање со дарување на своите сограѓани.

Ребека Спасова М-Нет