
Христијаните кои се водат по јулијанскиот календар денес го одбележуваат Бадник, а утре го прославуваат големиот христијански празник – Божиќ. Радосниот празник на Христовото рождество се смета за спасоносниот ден во кој се помириja небото и земјата и денот кога Синот Божји, Кој вечно се раѓа од Отецот, се роди во времето. Токму во овие денови на празнувања, во време на дарови и во време на прославување, се бара смислата на празникот, смислата на дарувањето, смислата на славењето и откривањето на пораката не само на човековите обичаи, туку и на човековиот живот, и на неговата определба и цел.
Во Македонија Бадник е пропратен со низа обичаи, меѓу кои најзначајна е традиционалната вечера со семејството. Се подготвува богата трпеза исклучително со посна храна. Рано изутрината на Бадник, децата пеат и одат по куќите каде што добиваат подароци како што се: пари, ореви, костени, јаболка, портокали и др. Обичаите, секако, се разликуваат од регион до регион, па дури и од село до село, но она што е заедничко секако се вечерата, што се подготвува на Бадник навечер, коледниот оган и бадниковото дрво, како и коледарските песни.
И покрај многуте обичаи, Бадник треба да се помине со молитвено бдеење. Фокусот е на Христовото раѓање, кое е почетокот на нашето спасение, како и на дарување грижа и љубов кон ближните.
Ребека Спасова М-Нет