
Размена на детска облека, обувки и играчки, организира првата „Камп – градинка во природа“. Водени од феноменот дека „Децата брзо растат“, иницијаторите на оваа акција велат дека конечно одлучиле и да делуваат. Акцијата се одржува во просторите на штипскиот Дом на млади и трае од 11:00 до 15:00 часот.
„Денес на овој настан може да се донираат детска облека, обувки и играчки. Идејата ни дојде од тоа што секојдневно ги набљудуваме децата и гледаме дека, навистина, брзо растат. Ни дојде идејата токму пред училишната година да може да се направи една размена на таа облека којашто веќе ја имаат израснато или играчките за кои веќе изгубиле интерес за да може тие да се реупотребат пак“, вели организаторката, АнаМарија Павлова.
Основната цел е реупотребата на облеката, обувките и играчките. Едно дете може да донесе насмевка на нечие друго лице, а за возврат сите првачиња пред почетокот на учебната година може да си најдат нешто ново на на училиште цело бесплатно.
„Ние најмногу ја поттикнуваме размената на облека, сакаме тие коишто ќе донесат и остават облека и да си земат за своите деца, секако, според нивните години, но ако на крај имаме вишок облека или обувки, сакаме истите да ги донираме на семејствата на коишто тоа најмногу им е потребно, додава Павлова.
Засега има одреден број донации, од од „Камп – градинка во природа“ ги повикаа сите родители и деца кои се во можност, до 15:00 часот да го посетат нивниот пункт во Домот на млади.
„Имаме донации од Скопје, од наши поддржувачи од еко-заедницата, а исто така имаме донации и од Штип од многу од родителите, без разлика дали нѐ знаат нас како „Камп – градинка во природа“ или некои кои, едноставно, сакаат да донираат. Сѐ што ќе остане на крајот ќе биде донирано за семејства со помали приходи“, додава Павлова.
Инаку, „Камп – градинка во природа“ е иницијатива на двајца млади ентузијасти за прва градинка во природа во Штип. Ова е нивна прва размена на детска облека, обувки и играчки.
Ребека Спасова М-Нет