
Промоцијата на првенците на генерацијата од основните и средните училишта во Штип се одржа денес во салата на Советот на Општина Штип. Настанот, кој по четврти пат го организира Општина Штип, има за цел да им оддаде признание на најуспешните ученици. Како што истакна градоначалникот Иван Јорданов, со оваа манифестација се вреднуваат нивните постигнувања на државни и меѓународни натпреварувања. Од општината порачаа дека вложувањето во образованието претставува вложување во иднината на градот и државата.
За првенци на генерацијата беа прогласени Мартин Стојанов од ООУ „Гоце Делчев“, Хана Џорлева од ООУ „Тошо Арсов“, Бојана Кангалова од ООУ „Димитар Влахов“, Михаела Петковска од ООУ „Славејко Арсов“, Дамјан Чамушев од ООУ „Ванчо Прќе“, Теодора Стојчевска од СОУ „Јане Сандански“, Даниел Христов од СОУ „Славчо Стојменски“ и Гизем Мустафа од „Димитар Мирасчиев“.
„Четврта година по ред општина Штип го организира овој настан. Првенци на генерацијата, на кој што настан се доделуваат признанија на најуспешните ученици во образовните институции и училиштата во нашиот град. Целта на овој настан е да се дадат признанија и да се вреднува успехот на учениците достигнување на високи резултати и достигнувања на државни и меѓународни натпреварувања. Штип е град кој се гордее со нашите ученици затоа што изминативе години сведочиме на низа на, постигнувања на достигнувања и на државно и на меѓународно ниво. Влогот и инвестирањето во образованието е инвестирање во иднината. Јас сум сигурен дека овие ученици се иднината на нашиот град, иднината на нашата држава и дека тие во иднина ќе успеат да го трасираат патото на рзвојот на нашата општина.“- Иван Јорданов, градоначалник на општина Штип.
Првенците на генерацијата истакнаа дека ова признание претставува голема чест и потврда за нивниот долгогодишен труд, постигнатите успеси и силната мотивација да продолжат со натпреварувања на повисоко ниво. Тие порачаа дека вложениот труд во учењето и натпреварите се вреднува и претставува доказ дека младите таленти од Штип имаат поддршка и препознавање за своите достигнувања на државно и меѓународно ниво.
„За мене првеник на генерација претставува една голема чест, воедно и денешниот настан е голема чест, со тоа што се вреднува и се потврдува нашиот долгогодишен труд, нашиот успех и секако нашата силна желба.“- Теодора Стојчевска, првеник на генерација од медицинското општинско училиште „Јане Сандански“
„Ова претставува голема чест за мене. Уште кога дознав што е, имав желба да станам првенец на генерација ии ќе продолжам да достигнувам успеси на натпревари.“- Мартин Стојанов, првенец од ООУ „Гоце Делчев“
„За мене овој успех претставува доказ дека на крајот целиот труд и сите напори кои ги вложуваме за тоа да се атпреваруваме на државно и на меѓународно ниво се вреднува и дека тоа не е залудно туку има некој кој што го препознаваат нашиот талент како младина на овој град.“- Даниел Христов, првенец од СОУ „Славчо Стојменски“
На секој првенец на крајот од настанот му беше доделен паричен ваучер во вредност од 10.000 денари во знак на признание на вложениот труд и успех,
Дајана Сандева, М-Нет