Доделени осмоноемвриските признанија на 78. свечена седница на Советот на Општина Штип

Осми ноември е денот врежан со златни букви во историјата на Штип, со ваков почеток првиот човек на Општина Штип, Иван Јорданов ја започна 78 свечена седница во чест на ослободувањето на градот. Предците се бореле за слободен Штип, а сегашните генерации придонесуваат за подобра иднина.

„Штип даде четири народни херои, Михајло Апостолски, Славчо Стојменски, Љупчо Арсов и Ванчо Прке. Овој светол момент од историјата на Штип вечно ќе остане да се прославува и споменува, и ќе биде запаментен во меморијата на штипјани како ден на гордост и достоинство на граѓаните од овој град“ – кажа Јорданов.

На денешната свечена седница беа доделени и осмоноемвриските признанија за исклучителни постигнувања во 2022 година на групи и поединци, физички лица и организации.

„Професор доктор Никола Смилков за исклучителен придонес во афирмирањето на Штип како уметник и ликовен педагог. Трајче Цевтков општественик за постигнување во сферата на економијата, Божидар Симоновски за исклучителен придонес во развојот на музичката култура и невладината организација Камп едукација во природа Штип како најуспешна невладина организација чија работа е в о функција на младинскиот активизам.“

Осмоноемврсиските признанија се поттик да се продолжи понатаму, сертификат за направеното и верификација за заложбите и активностите во изминатата година, велат добитниците.

„Искрено ми преставува чест и големо задоволство што можам од име на наградените да ја искажам благодарноста за добиеното осмоноемвриско признание за 2022 година. Ова признание е сертификат односно верификација на досегашните залагања и активности во областите во кои твориме. Ова е поттик за отворање на нови предизвици односно за отворање на нови хоризонти и нови активности. Се надевам дека оваа традиција на доделување на признанието ќе биде испирација на идните генерации“ – кажа Смилков.

Осмоноемврсиките признанија се доделуваат секоја година, наградата Осми ноември се доделува на секои пет години.

Лаура Стојанова М-Нет