Дивоградби на секој чекор во Штип, институциите бараат решение – граѓаните чекаат легализација

Од настрешници, додатоци на тераса, помали помошни објекти до цели хали, дивоградби речиси на секој чекор на теритроија на Штип. Граѓаните постојано регираат за ваквата ситуација, за која, како што велат, не гледаат решение од страна на Локалната самоуправа.

Загриженост кај граѓаните се појавува и во областа на безбедноста, кога некој објект се гради без дозвола. Потенцираат дека ако нема дозвола за градба, никој не гарантира дека при најмал земјотрес, на пример, објектот нема да се сруши, и притоа да повреди некој.

Ама експертите се децидни – кога станува збор за поголема дивоградба, се почитуваат сите мерки за истата да не се сруши ако има земјотрес.

„Кај нас тие што градат со дозвола почитуваат, тие што не градат со дозвола таканаречени диви поголеми објекти ги градат со истата процедура за проектирање како нормалниов. Не може инвеститорот да инвестира пари и да ги фрли во вода. Без разлика што ги фрлил, односно условно речено ги фрлил оти не знае дали ќе му се одобри после објектот, ама се прави по сите процеси.“ – вели Бутлев.

Дека дивоградби има во речиси секое ќоше свесен е и градоначалникот на Општина Штип, Иван Јорданов. И во Општината пристигнуваат пријави постојано, додава тој, но посочува дека Општината без поддршка од останатите институции не може да најде решение за овој проблем.

„Ова е дефинитивно еден од поголемите проблеми со кои се соочуваме и Општината бара институционална поддршка и соработка со другите институции, како што е МВР, за да може да делуваме координирано за да ефектите бидат поголеми. Бесправно поставените и изградени објекти ние како Локална самоуправа можеме многу тешко да се справиме со овој проблем, затоа што судската постапка го пролонгира времетраењето на постапување на надлежните инспектори.“ – вели Јорданов.

Ако се побара асистенција од страна на некоја институција, на терен излегуваат и полициски службеници, децидни се од СВР Штип. Од таму додаваат дека се грижат за безбедноста на граѓаните и секогаш кога имало барање конкретно од страна на Општината биле на терен за да се реши проблемот со некој дивоизграден објект.

И додека од една страна институциите под локална и централна власт со сите напори се борат против дивоградбите, граѓаните чекаат нивните објекти да бидат легализирани. Ама Законот за легализација стои заглавен во Собрание.

„Предлог-Законот за легализација на бесправно изградените објекти што го изготви Министерството за транспорт и врски е доставен во Собрание уште минатата година. Тој беше изготвен по неколку јавни и стручни дебати и сите забелешки што беа доставени се инкорпорирани во предлог-Законот. Но досега сѐ уште не е разгледуван на Комисијата за транспорт. Очекуваме политичките партии и пратениците да имаат заеднички став по овој Закон и повторно да биде иницирано да се разгледува на матичните комисии.“ – велат од Транспорт и врски.

Лаура Стојанова М-Нет