Детонит Плачковица поднесе жалба: Преспа со неправилна измена на играч до 21 година

Детонит Плачковица по вчерашниот меч со Преспа кој заврши со резултат од 1:1 поднесе официјална жалба до Натпреварувачката комисија на ФФМ за натпреварот од рамки на 13. коло од Втората лига.

Радовишани велат дека Преспа направила неправилност при измена на играчи до 21 година, што претставува прекршување на член 206 од Пропозициите за натпреварување на ФФМ. Во жалбата стои дека, врз основа на официјалниот записник, измениците во оваа категорија не биле регуларно спроведени.

Според записникот во 56. минута од играта, на теренот правилно излегол играч со број 8 и влегол број 15 (исправно), но во 75. минута излегол играч со број 9, а влегол играч со број 16 – што клубот го смета за неисправна измена согласно старосната категорија до 21 година. Односно играле 8 минути со двајца млади играчи под 21 година, наместо со тројца како што налагаат пропозициите, правило кое што го користат сите клубови во лигата.

Поради ова, раководството на Детонит Плачковица бара натпреварот да биде регистриран со службени 3:0 во корист на нивниот клуб.

Александар Ванев, М-Нет