Дел од сточарите задоволни, друг дел не од откупната цена на јагнешкото месо

Дел задоволни од откупната цена на јагнешкото месо, друг дел велат дека се со сериозна загуба. Сточарите од штипскиот и карбинскиот регион се со поделено мислење во однос на цената од 210 до 220 денари по која се откупуваше јагнешкото месо годинава. Александар Мушев посочува дека повеќето веќе е откупено, а и Гоце Сарафимов вели оти извозот за велигденските празници во Италија веќе е поминат. Сарафимов ја оправдува цената на јагнешкото месо во месарниците.

„Цената која е моментално кон нас несамо што не е реална, туку уште понереално е што двапати поскапо е во месарата. Од нас јагнето се откупува евтино, а се продава двојно поскапо во месарата. Прво е скапа сточната храна, концентратите за јагнињата исто така, некаде околу 50% повисока цена од минатата година и со тоа ние не знаеме до каде ќе одиме со моменталната цена на јагнето“, вели Александар Мушев, сточар.

„Наште производители на јагнешко месо очекуваа дека ќе биде 250 денари цената, меѓутоа моментално е 220 денари. Месарниците откупуваат од кланиците, а кланиците продаваат кај нас по 420 денари исчистено. Треба тука да се пресмета колку е рандамано, горе долу ќе се добие таа цена“, вели Гоце Сарафимов, сточар.

Сарафимов и Мушев се согласни во едно нешто, дека сточниот фонд во регионот значително се намалува и тоа е сериозен проблем. Намален е не само бројот на овци, туку и на свињи и крави.

„Секако, се намалува бројот на овци, всушност намален е бројот на целата стока, на свињите со депопулацијата, кравите ги намалија исто така, нема работна рака, младите одат во странство и тоа е проблем“, додава Сарафимов.

„Бројката на сточниот фонд се намалува драстично од година на година“, додава Мушев.

Јагнешкото месо во месарниците се продава по цена од над 540 денари за килограм, на што регираа и граѓаните. Калкулациите беа дека за празникот ќе биде уште повисока. Пред католичкиот Велигден македонското јагне се извезуваше во Италија, Хрватска и Грција, каде завршија околу 200.000 јагниња.

Ребека Спасова М-Нет