
Трансакциска сметка: 200002663191834 – Стопанска банка
Број за донации: 143 – 183
Тој со мозочен удар и врзан за кревет, таа со тумор и едвај се грижи самата за себе. Семејството Малчеви од кочанското село Тркање ги живеат најтешките мигови од животот. Димче добива мозочен удар и веќе 16 месеца е во кревет, со потешкотии во говор и неподвижен, додека неговата сопруга Мирјана е со тумор и невозможно е да се грижи и за двајцата. Пред камерите на М-Нет телевизија, со солзи во очите Малчева бара помош од хуманите граѓани и институциите за да може да продолжи со лекување и нормално да продолжат со животот.
„Ситуацијата е една година и четири месеца, со зборењето има проблем, непокретен е не може да се подига, само со помош со децата. И јас не сум добра со тумор сум. Не можам да се грижам самата за себе, а не за него. Побаравме помош од Општината и од сите хумани луѓе, кои сакаат да помогнат.“ – вели Малчева.
На посета во домот во село Тркање беше и штипскиот хуманитарец Александар Горгиевски. Вети дека ќе се реализира последната надеж на Димче да замине на лекување во Ниш, Република Србија и од таму да се врати на нозе. За ова лекување се потребни нешто повеќе од 11 илјади евра, како и помош од хуманите граѓани и институциите.
„Можам едно да ветам од моја страна дека 100% ќе се ангажирам за да помогнам. Сигурен сум дека со хуманите граѓани ќе успееме на ова семејство да помогнеме да се изборат со оваа тешка животна ситуација. Овие денови ми пишаа многу луѓе за оваа фамилија, бев по селото се расапрашав за човекот. Овој човек кога имало хуманитарно организации, ако имало 100 учествувал во сите 100.“ – вели Горгиевски.
За помош на семејството Малчеви од кочанско Тркање е отворен телефонски број за донации, а достапна е и трансакциска сметка на која може да донираат сите граѓани и институции кои се во можност да го сторат тоа. Во обезбедување на финансиска помош за лекување на семејството ќе се вклучи и Локална самоуправа од Кочани, потврди за М-Нет градоначалникот, Љупчо Папазов.
Лаура Стојанова М-Нет