Дезинформации за вакцинација ја намалија гужвата пред вакциналниот пункт во Штип

Во ек на пандемија, кога четвртиот бран е на прагот, а од страна на Владата се донесуваат нови мерки, вакциналните пунктови се полни. Меѓутоа, денес ситуацијата беше поинаква. Таму едвај имаше луѓе, а они кои беа имаа закажани термини за ревакцинација. Медицинските лица зад објективот на нашата камера посочија дека причината за ова е ширењето дезинформации меѓу граѓаните. Повеќето знаат дека со вакцината „Фајзер“, за која интересот е најголем, се вакцинира само во понеделник. Поради тоа, вчера Здравствениот дом беше полн во текот на целиот ден. Медицинските лица апелираат до граѓаните да не шират непроверени информации. Потенцираат дека вакциналниот пункт е отворен секојдневно, работат во две смени и вакцинираат со сите достапни вакцини во текот на целата работна недела.

Во однос на заинтересираноста, пак, од таму велат дека е на едно високо ниво, како и претходната недела.

„И во текот на вчерашниот ден динамиката на граѓани кои се појавија на вакцинација е околу 500. Од тие 200 беа за ревакцина и 300 за примање на прва доза. Во споредба со периодот пред да бидат донесени мерките од страна на Владата, заинтересираноста е на повисоко ниво. Имаме заинтересираност од различни возрасни групи, од деца од 12 години, па до највозрасните наши граѓани“, рече Дијана Коцева – Миланова, координатор за вакцинација.

Бројот на заинтересирани деца од 12 до 17 годишна возраст, пак, сè уште не е значително зголемен и не е на задоволително ниво.

Теренската вакцинација заврши, но заинтересираност од оние кои не се вакцинирале сè уште има.

„Теренската вакцинација заврши. Задоволни сме од одзивот на граѓаните, а тие коишто не се вакцинирани на терен и сега се појавуваат за да примаат вакцина“, додаде Коцева – Миланова.

Лицата кои при последната посета беа вакцинирани со прва доза вакцина, за втора ќе доаѓаат во Здравствените домови. Сепак, доколку лицето е неподвижно, медицинските тимови ќе го посетат во неговиот дом.

Според последните информации, изминатата недела аплицирани се без малку 50.000 први дози вакцини. Бројот на вкупно аплицирани вакцини, пак, надмина 1.050.000.

Ребека Спасова МНет