
Дваесетина хектари изгореа во пожар кај Мантово. За среќа повеќе нема опасност од огнените јазици кои ги каснеа пожарникари на ТППЕ Штип, Радовиш и Доброволното противпожарно друштво – Конче, а беше вклучен и еден хеликоптер на МВР. Пожарот навлезе и во густата шума, а како што информираа од Центарот за управување со кризи, ветерот ја влошувал состојбата. На терен беше и директорот, Стојанче Ангелов.
„Месноста е Мантово, помеѓу браната Мантово и село Пиперово. Зафатени се околу 15 – 20 хектари, сува трева, нискостеблеста шума и веќе пожарот влезе во густата шума. Хеликоптерот дејствува таму, бидејќи теренот е непристапен и ние како пожарникари со наши возила не можеме да пристапиме до оганот“, вели командирот на ТППЕ Штип, Дарко Коцев.
Од МВР информираа дека Одделот за воздухопловни единици дејствувал во гаснењето на пожарот со хеликоптер кој исфрлил седум тона вода. Ова е првпат во штипско-карбинскиот регион да биде активиран хеликоптер оти досегашните пожари не беа на тешко пристапен терен.
„На отворен простор имавме 68 пожари, тоа се стрништа, суви треви, нискостеблести шуми на отворен простор. На територија на Штип и Карбинци ова е прво летало што е употребено. Имавме комуникација со ЦУК, но кога влезе пожарот во густата шума веќе моравме да побараме помош“, додава Коцев.
Но хеликоптерите на МВР и трите „ертрактори“ на Дирекцијата за заштита и спасување во изминатиов период реагираа повеќепати во регионов. Сите пет воздухоплови беа активирани во пожар кај кочанското село Соколарци и два пожари на територија на општина Лозово.
Ребека Спасова М-Нет