Да се исклучи климата неколку минути пред излегување од автомобилот – советуваат лекарите, за да се избегне температурен шок

Да се исклучи климата неколку минути пред да се излезе од автомобилот или од канцеларија, телото постепено да се адаптира на надворешната температура, да се внесуваат повеќе течности и да се јаде повеќе овошје и зеленчук, ова се препораките на штипските лекари за да се избегне омалаксаноста, слабоста и топлотниот шок во деновите со екстремно високи температури. Лекарите велат дека токму малите навики, на кои што не им обрќаме внимание, можат значително да ни го подобрат квалитетот на нашиот живот.

,,Малаксаноста зошто, затоа што се прави една амплитудна разлика. Значи сите патуваме со автомобили со една пријатна клима, на една пониска температура, меѓутоа до таму патот, сме изложени на надворешните високи температури, влегуваме во климатизирана просторија, работна или маркет и нашиот организам претпрпува секојдневно шок. Една препорака значи, од автомобилот кој што сме го климатизирале и сме ставиле некоја температура од 20 степени, значи на неколку минути да ја исклучиме климата, нашиот организам да се адаптира на надворешниот топлотен шок, за да ја нема онаа омалаксаност, слабост, неволност, дури и некогаш мислеме дека не можеме да резонираме, баш поради тоа што нема перфузија нашиот мозок на кислород.“, кажа Митрова

Кога е во прашање работното место, кое во летниот период најчесто е климатизирано, д-р Валентина Митрова советува климата да се исклучи неколку минути пред да се напушти канцеларијата. На тој начин, организмот постепено ќе се адаптира на високите надворешни температури и ќе се намали ризикот од омалаксаност и топлотен шок.

,,Всушност и тоа е една препорака, кога ќе излеземе од работната просторија, од канцеларија, значи неколку минути да го исклучиме ладењето, за да се адаптираме на надворешната температура. Една пракса, секојгодишни совети, мегутоа мали работи на кои што не обрќаме внимание, а можат да ни го подобрат квалитетот на нашиот живот.“, додава Митрова

Една избалансирана исхрана богата со зеленчук и овошје, повеќе течности, а помалку пржена и тешка храна – се препораките на лекарите за полесно справување со летните горештини.

,,Една избалансирана храна со зеленчук, овошје во овој период нашето поднебје е побгато, изобилнува со лубеници, праски, мегутоа сето тоа да биде на соодветна температура, добро измиено и да се внесува во поголеми количини и да се избегнува пржени меса и тешка храна.“, подвлече Митрова

Жешкото време бара поголема внимателност и грижа за сопственото здравје. Неколку мали промени во секојдневието можат да направат голема разлика и да ни помогнат полесно да ги издржиме високите температури.

Иван Митев, М-Нет