ГРК Охрид со убедлива победа над Дукла Прага во осминафиналето од ЕХФ Европскиот куп


Ракометарите на ГРК Охрид направија голем чекор кон четвртфиналето во ЕХФ Европскиот куп, откако вечерва во салата „Билјанини извори“ славеа убедлива победа над Дукла Прага со 30:21 во првиот натпревар од осминафиналната фаза.
Охриѓани од самиот старт го наметнаа својот ритам и не дозволија изненадување пред домашната публика. Со цврста одбрана и расположени стрелци во нападот, тимот постепено ја градел предноста, која во текот на второто полувреме достигна и двоцифрена разлика. Во самиот финиш гостите од Чешка успеаја со серија голови да намалат на минус девет, но победата на домашниот состав во ниту еден момент не беше доведена во прашање.
Меѓу најзаслужните за триумфот беше голманот Пилиповиќ со дури 14 одбрани, кој беше вистински бедем на голот. Во нападот најефикасен беше Ѓукиќ со осум погодоци, пред Иванковиќ со седум, додека значаен придонес дадоа и Ојлески со четири гола, како и Стрмљан, Тасески, Петриќ и Прибетиќ со по два.
Охрид со оваа победа носи солидна предност во пресрет на реваншот во Прага, каде ќе има можност да го завери пласманот меѓу најдобрите осум екипи во натпреварувањето.