Градоначалникот Јорданов оствари средба со штипскиот мотоциклист Мијалков, кој забележа нови големи успеси!

Штипскиот ас на две тркала, Петар Мијалков, продолжува да ги поместува границите на македонскиот мото спорт! По импресивниот викенд на меѓународната патека во Серес, Грција, Мијалков се враќа дома со злато и сребро од БМУ Европскиот Шампионат во класата F1000.

Во конкуренција од 32 елитни возачи, Мијалков во првата трка заврши на второто место, но затоа во втората беше без конкуренција – победа и поставен нов стандард за македонските мотоциклисти.

Паралелно со европските возбудувања, Мијалков запиша уште две победи и на трките од Македонскиот Државен Шампионат, со што уште еднаш покажа дека на домашен терен – владее неприкосновено.

Во чест на овие успеси, Градоначалникот на Штип, Иван Јорданов, денеска приреди свечен прием за Мијалков.

„Штип има причина за гордост – со Петар Мијалков, нашиот град е дел од европската спортска елита. Тој е вистински спортски амбасадор на Штип и на Македонија“, изјави Јорданов, додавајќи дека општината ќе продолжи да ги поддржува младите спортски таленти.

Мијалков се заблагодари за поддршката од локалната самоуправа и порача дека резултатите се само дополнителна мотивација за уште поголеми успеси во иднина.

Петар Мијалков ја носи брзината, пасијата и победничкиот дух во Штип!

Александар Ванев, М-Нет