
Родителите на починатите од трагедијата во дискотеката „Пулс“ имаат право да бараат одговори, а институциите се должи да одговараат, истакна денеска министерот за внатрешни работи, Панче Тошковски. Како што посочи тој одговарајќи на новинарско прашање, во моментот се прземаат сите активности од страна на Јавното обвинителство за да се реши ситуацијата со пожарот во дискотеката во која загинаа 62 млади лица.
„Родителите имаат право да бараат, родителите се тие кои заедно со сите нас патат, жалат и ги боли се ова што се случува, тие имаат право да бараат одговори, а институциите се должни да даваат одговори. Верувам дека јавното обвинителство кое во оваа ситуација ги презема сите оние дејствија кои мора да ги превземе“ – вели Тошковски.
Тошковски во оваа прилика истакна дека само Господ може да им суди на оние заради кои се исплакани дополнителни солзи.
„Не можам а да не спомнам дека само Господ на крајот на завршување на целокупниот овој процес ќе биде оној којшто ќе суди за секоја една солза која дополнително, непотребно е исплакана од македонскиот народ.“ – додава Тошковски.
Во пожарот во дискотеката Пулс поќинаа 62 лица, а околу 200 беа повредени. Во истрагата која заврши пред неколку дена опфатени се 46 осомничени лица. Во меѓувреме семејствата на починатите и повредените секоја сабота маршираат по кочанските улици, барајќи правда за нивните деца.
Лаура Стојанова Ќирчов, М-Нет