Градоначалникот Јорданов организираше прием за најуспешните ученици спортисти во Штип – најавени нови инвестиции во спортската инфраструктура

Градоначалникот на Општина Штип, Иван Јорданов, денес организираше свечен прием за најуспешните ученици кои постигнаа извонредни резултати на турнирите организирани од Сојузот на училишен спорт – Штип.

На приемот беа истакнати активностите како првиот турнир во ракомет, регионалните натпревари, како и традиционалната манифестација „Пролетни денови“, кои на одличен начин го промовираат училишниот спорт и го зајакнуваат спортскиот дух кај младите генерации.

Градоначалникот Јорданов упати искрени честитки до учениците, спортските педагози и наставници за нивната посветеност и труд, нагласувајќи ја важната улога на Сојузот на училишен спорт во откривањето и развојот на нови спортски таленти.

„Штип е достојно претставен благодарение на ваквите успеси. Овие резултати се доказ дека вложувањето во младите и спортот носи вистински вредности“, истакна градоначалникот Јорданов.

Во своето обраќање, тој најави и нови инвестиции во спортската инфраструктура, вклучувајќи реконструкција на спортските сали во основните училишта „Тошо Арсов“ и „Димитар Влахов“, што ќе придонесе за уште подобри услови за младите спортисти.

Градоначалникот упати благодарност до спортските работници, наставниците и тренерите кои секојдневно работат со младите, и ги повика сите талентирани ученици од основните и средните училишта да аплицираат на јавниот повик на Општина Штип за спортско стипендирање, со цел унапредување на нивниот понатамошен спортски развој.

„Сето она што го правиме денес, ќе донесе вистински резултати утре. Нашата обврска е да го поддржиме секој млад човек кој вложува во себе преку спорт, знаење и упорност“, порача Јорданов.

Александар Ванев, М-Нет