
Гоце Седлоски е нов шеф на стручниот штаб на прволигашот Работнички, откако двете страни потпишаа договор со важност до јуни 2025 година.
Седлоски тренерската кариера ја започна во Австрија, како асистент во стручниот штаб на Матерсбург, потоа беше асистент во стручниот штаб на А-селекцијата на Македонија, која кусо ја водеше и како привремен селектор.
Првата самостојна тренерска работа ја имаше во Хоризонт Турново со кој стигна до второто место во македонскиот шампионат, а го предводеше и на европски натпревари.
Потоа се пресели во Вардар, прво како директор, а откако седна на тренерската клупа освои две шампионски титули и еден Суперкуп во периодот од 2015 до 2017 година.
Што се однесува до неговата интернационална тренерка кариера, беше тренер на Рига, Широки Бријег, го водеше вториот тим на Динамо Загреб, а во 2021 година се врати во Македонија како тренер на Шкупи и во сезоната 2021/22 ја освои шампионската титула.
Последен ангажман на Гоце Седлоски пред доаѓањето во Работнички беше на клупата на албанскиот прволигаш Влазнија Скадар.
Своето деби на клупата на Работнички, Седлоски ќе го има на мечот против Гостивар во рамки на 15. коло од Првата лига.