Големо второлигашко дерби: Вардар и Гостивар во директна пресметка за Прва лига!

Со големото второлигашко дерби помеѓу Вардар и Гостивар во директната пресметка за Прва лига, ќе биде отворено 24. коло од Втората македонска фудбалска лига.

Денес на стадионот „Борис Трајковски“ во Маџари со почеток од 16 часот, можеби и ќе го добиеме конечниот одговор околу тоа кои екипи директно ќе патуваат во Првата македонска фудбалска лига за следната сезона, а кој ќе се најде во баражот преку кој ќе се брка „виза“ за влез во „елитата“ на Македонија.

Меѓусебната директна пресметка на Вардар и Гостивар е од огромна важност, особено поради фактот што победникот од овој дуел ќе има солидна предност на шест натпревари до крајот од сезоната.

Вардар ќе го пречека Гостивар во дербито по поразот од Беса, кога во минатото коло „вардарци“ беа поразени на тешкото гостување со пресврт од 2:1. Најтрофејниот македонски фудбалски клуб се соочува и со други проблеми, како што се финансиите. Исто така, проблем за Вардар ќе бие и повредата на Дарко Мицевски, кој ќе паузари до крајот од сезоната.

Гостивар на Маџари ќе пристигне со фантастична форма, единствен тим во лигата кој нема пораз, освен оние одземени три бодови, поради случајот со Гордијан Христовски, фудбалерот на Гостивар кој е суспендиран шест месеци, поради настап за трет клуб во една сезона.

Дека дербито е важно и може многу работи денес да станат појасни околу патниците кои директно ќе влезат во Прва лига, говори фактот што трите главни конкуренти Воска Спорт, Вардар и Гостивар се изедначени на табелата, односно разликата помеѓу нив е по само еден бод.

Воска е прва на табелата со 56 бодови, Вардар е втор со 55 бодови, а пак Гостивар е трет со 54 бодови.

„Комити“ веќе десетина дена се мобилизираат за денешното големо дерби, со цел да му дадам максимална поддршка на Вардар особено во моменти кога клубот има финансиски проблеми и води тешка борба за враќање во Прва лига, а од друга страна, Гостивар ќе се потпира на својот супер тим, на фактот што е единствен непоразен второлигаш, како и на својата одлична форма со која игра.

Главен судија на мечот ќе биде Стојанче Трпчевски од Кавадарци, ќе му помагаат Драган Трпчевски и Душко Панов, исто така од Кавадарци, додека пак за четврт судија е делегиран Ангел Гелов од Кавадарци.

Делегат на мечот ќе биде Васко Бошевски од Битола, а пак за контролор е делегиран Драге Стојановски од Куманово.

Сите останати седум второлигашки натпревари ќе се одиграа утре со почеток од 16 часот, а колку за потсетување, телевизија М Нет ќе врши директен пренос од Радовиш, со што гледачите на нашата телевизија ќе имаат можност во ЖИВО да го проследат соочување на Детонит Плачковица и Караорман од Струга.