Герасимовски не се откажува од градење на Водно преку нацрт-планот кој го изгласаа СДСМ и ДПМНЕ

Изјавата на градоначалникот на Општина Центар, Горан Герасимовски, за ДУП Ј-05 „Барутана“ не ги расчисти дилемите околу овој спорен план, туку само потврди дека локалната власт останува решена да ја турка урбанизацијата на падините на Водно и покрај силниот отпор од јавноста. Нацрт-планот беше изгласан со гласовите на советниците на СДСМ и ДПМНЕ, додека Левица беше против, истакнуваат од Левица.

Според нив, тврдењето дека планот е прифатлив затоа што е намалена површината за градба е обид да се замени суштината со споредни параметри.

„Прашањето никогаш не било дали ќе се градат 29.000 или 43.000 квадратни метри, туку дали воопшто треба да се дозволи нова станбена изградба на чувствителните падини на Водно. Намалувањето на квадратурата не го менува фактот дека планот отвора простор за нови објекти и дополнителен притисок врз просторот.

Особено лицемерно е повикувањето на ГУП 2012 како главен аргумент. Со години СДСМ тврдеше дека токму тој Генерален урбанистички план е еден од главните виновници за бетонизацијата на Скопје. Денес, кога истиот тој ГУП им служи како оправдување за ново градење на Водно, одеднаш станува доволен доказ дека сè е во ред.

Но уште поважно е што ова гласање уште еднаш покажа дека меѓу СДСМ и ДПМНЕ нема суштинска разлика кога станува збор за интересите на градежната мафија. Во јавноста секојдневно се претставуваат како непомирливи политички противници, но кога треба да се отвори простор за нови профитабилни градби, двете партии без проблем гласаат заедно. Истото мнозинство што не може да се договори за речиси ништо друго, лесно се обединува кога се во прашање интересите на крупниот градежен капитал“.

За Левица, повторувањето дека „сè е согласно важечкиот ГУП“ не ја ослободува локалната власт од политичка одговорност.

Потенцираат дека законитоста е минимален услов, а не доказ дека едно урбанистичко решение е во јавен интерес.

„Урбанизмот треба да го штити градот, природата и безбедноста на граѓаните, а не да служи како механизам за реализација на инвеститорските апетити.

Со својот настап Герасимовски потврди дека интересите на жителите на Центар повторно се ставени зад интересите на инвеститорите. А со заедничкото гласање за овој нацрт-план, СДСМ и ДПМНЕ уште еднаш покажаа дека кога ќе затропа градежната мафија, партиските поделби исчезнуваат, а јавниот интерес останува последна грижа“.

Текстот Герасимовски не се откажува од градење на Водно преку нацрт-планот кој го изгласаа СДСМ и ДПМНЕ е превземен од МАКФАКС.