Втор уписен рок за уписи на средношколците, најголем интерес за стручните училишта

Денеска се одржа втор рок за уписи на средношколците. Додека вчера, на 23 јуни, се реализираше електронското пријавување, денес учениците имаа обврска документите да ги достават со физичко присуство.

Според досегашните податоци, најголем интерес има за стручните училишта, особено за медицинските и техничките струки.

Во ДСУ „Коле Нехтенин“ во првиот циклус од уписниот рок се запишале 187 ученици, а денес, во вториот циклус, се пријавиле уште четворица. Директорката на училиштето изјави дека очекуваната бројка е 192 ученици и дека конечниот број на запишани ќе биде познат до крајот на денот.

Во СОУ „Јане Сандански“ во првиот циклус се пријавиле 150 ученици, додека денес биле евидентирани уште двајца.

Во ДМУЦ „Сергеј Михајлов“ во првиот циклус се пријавиле 26 ученици, а денес уште пет.

Во СОУ „Славчо Стојменски“ во првиот циклус се пријавиле 103 ученици, додека во вториот циклус се пријавиле уште тројца.

Од СОУ „Димитар Мирасчиев“, директорката Марина Варадиновска за М Нет ТВ изјави:

„Во вториот циклус од првиот уписен рок се запишаа ученици во образовниот профил Техничар за изработка на облека со зголемен број часови по практична настава, со што се исполни законскиот минимум за формирање паралелка во прва година. Во образовниот профил Техничар за дизајн на облека сè уште има слободни места, па затоа ги повикувам сите ученици кои од какви било причини сè уште не се запишани во прва година да го сторат тоа во августовскиот уписен рок, кој ќе се одржи на 20 август 2026 година.“

Вториот рок за уписи на средношколците траеше до 15 часот, а конечните бројки за запишани ученици ќе бидат познати во текот на утрешниот ден.

Дајана Сандева, М-Нет