Второлигашот Кожуф ги започна подготовките со нов тренер и две нови засилувања

ФОТО: ФК Кожуф

Второлигашот Кожуф од Гевгелија ги започна подготовките за новата сезона која започнува на 15 август. Тимот од Гевгелија ќе има нов шеф на стручниот штаб, а на оваа позиција е назначен Благој Дуганов, додека пак негови помошници ќе бидат Стојче Крчев и Трајче Ников.

Клубот договори и пријателски натпревари низ кои ќе ја проверува формата. Првиот пријателски меч ќе биде против Новаци на 25 јули, потоа на 28 јули ќе следува тест против Беласица. На 1 август е закажан контролен меч против Брера Струмица, а пак генералката ќе биде на 8 август против Детонит Плачковица.

Клубот има и две нови засилувања, Саше Дуков кој е повратник во Кожуф, а доаѓа од редовите на Детонит Плачковица, како и Марио Симоски од Осогово.

Целта на тимот кој минатата сезона преку бараж избори опстанок ќе биде што повисок и подобар пласман од минатата сезона.

Кожуф новата сезона ја отвара против ланскиот прволигаш Работнички во гости.

Александар Ванев, М-Нет