
Второлигашите Арсими и Детонит Плачковица испишаа историја во Купот на Македонија откако овие две екипи се пласираа во четвртфиналето.
Арсими со убедливи 3:1 го доби прволигашот Воска Спорт, со што ланскиот финалист од Купот ги заврши настапите, а пак Детонит Плачковица преку пенали го исфрли прволигашот Пелистер со што битолчани завршија со Куп настапите.
Брера на домашен терен стигна до триумф од 2:0 над Беса од Добри Дол со што струмичани продолжуваат во следната фаза од Купот. Шефот на стручниот штаб на Брера, Горазд Михаилов за М Нет вели дека победата е заслужена и со фокусот веќе се на следниот меч во првенството против Гостивар.
Берат Имери кој пред две недели ја превзема Беса вели дека одиграле тежок меч каде индивидуални грешки може да го одлучат победникот, но Имери за М Нет истакна дека фокусот е на првенството
Преку пенали во следната фаза патува и Силекс кој одигра 0:0 против Шкупи, но кратовци беа подобри во пенал серијата. Струга со 2:0 ја совлада Македонија ЃП, Вардар со 2:0 славеше над ланскиот освојувач Тиквеш, со што оваа сезона ќе имаме нов освојувач на Купот.
Шкендија со минимални 1:0 славеше над третолигашот Шкендија од Арачиново. Со настапите во Купот на Македонија заврши и штипска Брегалница која загуби со минимални 1:0 од прволигашот Гостивар.
Преку ждрепка ќе бидат познати четвртфиналните двојки, а четвртфиналето ќе се одигра следната година.
Александар Ванев, М-Нет