Во Штип бесплатно ќе се врши тестирање за хепатитис Б и Ц, ХИВ и заболувања на црниот дроб

Штип ќе биде еден од осумте града во кој мобилна единица ќе обезбедува тестирање за хепатитис Б и Ц, како и ХИВ и еластографија неинвазивна дијагностика базирана на ултразвук која се користи за мерење на оштетувања на црниот дроб предизвикани од најразлични заболувања. Во амбулантно возило, опремено со современи тестови и современ еластограф ќе се врши бесплатен и анонимен скрининг на граѓаните за црниот дроб. Министерот за здравство, Фатмир Меџити, на Светскиот ден за борба против хепатитисот потенцираше дека еден од најголемите предизвици е превенцијата и раното откривање.

„Подигнувањето на свеста на хепатитисот е она на кое денеска ќе се фокусираме. Многу луѓе, можеби, живеат со хепатитис, но не знаат за тоа. Преку обезбедување на достапни информации и активности на терен можеме да поттикнеме поединците да се заштитат себеси и своите најблиски од овој тивок непријател. Раното откривање е од огромна важност за третманот и токму затоа скринингот и тестирањето играат витална улога во идентификувањето на инфекциите во рана фаза, кога и самата терапија може да биде највлијателна. Како дел од нашата посветеност за обезбедување на квалитетна здравствена заштита, ќе продолжиме да ги прошируваме капацитетите за тестирање и да промовираме рутински прегледи, особено за групите со висок ризик“, истакна министерот Меџити.

Кампањата по повод Светскиот ден ќе се одржи во повеќе градови низ земјава, а ќе бидат претставени резултатите од најновите истражувања и напредокот во лекувањето на хепатитисот Б и Ц, како и црнодробниот карцином. Мобилната единица освен во Штип, тестирањата ќе ги врши и во Скопје, Тетово, Гостивар, Струга, Охрид, Битола и Струмица. Но министерот вели дека со едно возило не може да се прави кампања во цела држава, па најави набавка на нови.

„Сите Здравствени домови што имаат медицинска помош ќе ги обновиме, до пролет ќе пристигнат најмодерни 22 возила за Итна медицинска помош. Ќе бидат распределени низ цела држава, каде колку што е потребно“, додава Меџити.

Инаку, Меџити посочи дека минатата година биле дијагностицирани 83 случаи на хепатитис, од кои во најголем број – 43 биле хепатитис Б. Согласно со Извештајот на Институтот за јавно здравје, минатата година имало пријавени пет случаи на ХИВ/СИДА, меѓу кои еден кај лице од Штип.

Ребека Спасова М-Нет