
Во сабота започнува пролетната полусезона во Втората македонска фудбалска лига, а на М Нет телевизија ќе можете да го следите во живо натпреварот од Гевгелија меѓу Кожуф и Брегалница.
Соочување на два штипски тренери младиот стратег Иван Варадиновски и искусниот стратег Влатко Костов, првото соочување на двете екипи во Штип заврши без победник и без погодоци (0:0), но сега императивот е далеку поголем за трите бодови.
Кожуф како предност го има домашниот терен и поддршката од навивачите како ветер во грб да се прекине доминацијата на „сините“ во традицијата на меѓусебните дуели, а со три бодови Кожуф би можел да стигне до топ осум зоната која гарантира директено опстанок, во зависност од резултатите на конкурентите.
Од друга страна Брегалница не смее да погреши и само победа ќе биде цел во трката за првото место кое директно води кон Прва лига.
Од 2008 година досега овие две екипи се соочиле 19 пати, од нив четири натпревари биле пријателски, останатите во рамки на Втората лига.
Кожуф само еднаш успеал да слави над Брегалница и тоа на 25 ноември 2017 година кога на домашен терен бил подобар со 4:1, Брегалница била подобра дури 13 пати, а пак пет дуели завршиле без победник.
Кожуф менуваше во својот ростер и влегува засилен, а Брегалница го сочува костурот и донесе неколку засилувања. Дали Кожуф ќе може против традицијата и конечно да запише триумф против штипскиот тим или пак Брегалница ќе ја продолжи традицијата и победнички да се врати од Гевгелија, следете го натпреварот во живо преку директен пренос од Гевгелија, сабота на М Нет телевизија од 14 часот.
Александар Ванев, М-Нет