Возможно е опожареното повторно да се пошуми, но само во поволни услови

Пожарите се изгаснаа, но штетите останаа. Вака веќе два дена се зборува за Малешевскиот регион. Откако пожарот е изгаснат, почна и процената на штетите од која засега може да се заклучи само дека стогодишните шуми изгореа. Првичните проценки се дека е изгорено околу 6000 хектари, од кои дел се на приватни сопственици, а дел се државна сопственост. Сепак, престои период на проценување во кој ќе се знае егзактната бројка. За тоа дали постои можност за повторно искористување на нешто од изгореното, Војо Соколовски, Претседател на здружението на сопственици на приватни шуми на Македонија, рече дека во претстојниот период ќе следи отстранување на опожарената дрвна маса.

Тој дополни дека тие постојано се подготвени за пошумување, но истото зависи од многу фактори, меѓу кои пред сè се временските услови. Оваа година е неповолна и во однос на пожарите и во однос на пошумувањето. Кога климатско – почвените услови и хидролошката состојба ќе биде поинаква, пошумувањето ќе биде активност на која ќе им се посвети особено внимание.

За тоа со каков дрвен вид сега ќе се пошумува зависи од желбата на сопствениците. Меѓутоа, стручни и компетентни лица ќе ги изготвуваат програмите на кои ќе се најдат видовите со кои ќе се пошумува. Она што природно се опеделува од природата, вели Соколовски, нема потреба и не е возможно човечката рака да го промени.

Во однос на тоа дали пожарите се импликација на некоја наша постапка, сè уште не може да се каже. Но во секој случај, потребно е да се работи на подигнување на јавната свест.

Ребека Спасова МНет