Изгорени овоштарници и пчеларници, сè мора одново да се сади и купува

Покрај опожарената шума и штетите причинети на „белите дробови“ на државата, штети имаат и пчеларите и овоштарите. Пчеларот Слободан Мицевски вели дека пламените јазли му проголтале 80 пчелни семејства, што е штета од околу 8000 евра, и еден тон мед, штета од околу 500 илјади денари.

Тој вели дека за сега да се обнови, мора сè да се купи одново, сè било изгорено. Преку иницијативите на Министерството за земјоделство се надева дека ќе добие некоја помош. Тој бил веќе 50 години пчелар и сака да купи нови пчели, сандаци и сè што е потребно за повторно да ги одгледува.

Овоштарот Димитар Поповски, пак, вели дека и за овоштарникот мора сè одново да се ископа и возобнови. Не било економски исплатливо да се одржува во таква состојба, родот веќе нема да биде ист.

Неговиот овоштарник последнава година немал добар род и од таа причина не бил осигуран. И тој се надева дека преку Министерството за земјоделство ќе добие некаква финансиска поддршка. Со истата вели дека ќе го обнови овоштарникот со иста или друга овошна култура.

Од Министерството за земјоделство, шумарство и водостопанство ветија проценување на штетите на земјоделците и сточарите и нивно обештетување.

Ребека Спасова МНет