ВМРО-ДПМНЕ: Со „Безбеден град“ 40 проценти помалку жртви во сообраќајот

Владата предводена од ВМРО-ДПМНЕ спроведува политики насочени кон модернизација и дигитализација, со цел да обезбеди поефикасни институции и повисок степен на безбедност за граѓаните.

Системот „Безбеден град“, е еден од најзначајните проекти во таа насока, кој е усогласен со европските стандарди и претставува важен чекор кон подобрување на безбедноста во сообраќајот, велат од ВМРО-ДПМНЕ.

За имплементацијата на системот, потсетуваат од партијата, беа обезбедени сите потребни законски предуслови, а процесот се реализираше транспарентно.

„Во првите 24 часа беа регистрирани околу 110.000 прекршоци, од кои најголемиот дел се однесуваа на пречекорување на дозволената брзина, како и 5.000 поминувања на црвено светло и околу 1.000 нерегистрирани возила.

Веќе по првиот ден беше забележан значителен пад на бројот на прекршоци, кој се намали за речиси 50 проценти. До официјалниот почеток на целосната примена на системот, на 1 февруари 2026 година, дневниот број на прекршоци се сведе на околу 500 до 600, што претставува намалување од повеќе од 99 проценти во споредба со почетокот на тестирањето“.

Овие показатели, според владејачката партија, потврдуваат дека системот има силен превентивен ефект и придонесува за поодговорно однесување во сообраќајот.

Основната цел, на „Безбеден град“, потенцираат, е да се намали бројот на тешки сообраќајни несреќи и да се спасуваат човечки животи, во согласност со стратешката определба до 2030 година значително да се намалат смртните случаи и тешките повреди на патиштата.

„По воведувањето во Скопје, Тетово, Куманово, на коридорите 8 и 10 и во Велес, системот продолжува да се проширува. Во изминатиот период беа поставени камери кај Ново Село во општина Дебарца, а започна и постепената имплементација во Охрид.

Најзначајно е што денес може да се зборува за конкретни и мерливи резултати. Во првите пет месеци од примената на системот, бројот на загинати во сообраќајни несреќи е намален за 40 проценти, од 55 жртви во истиот период минатата година на 33 оваа година“.

Проширувањето на системот, според најавеното, ќе продолжи, затоа што, како што оценуваат, безбедноста на граѓаните останува еден од највисоките приоритети.

Текстот ВМРО-ДПМНЕ: Со „Безбеден град“ 40 проценти помалку жртви во сообраќајот е превземен од МАКФАКС.