Влен: Шестмина полицајци се суспендирани, никој не може да избега од одговорност!

„Шестмина полицајци се суспендирани по бруталното насилство врз двајцата млади од Сарај. Институциите реагираа во рекордно време и против нив се поведени дисциплински постапки. Случајот не остана без одговор. МВР го заврши својот дел од работата, а натамошната постапка ја води Обвинителството“, кажа Астрит Исени од Влен.

„За полициското насилство нема место во нашата држава. Униформата служи за да го заштити граѓанинот, а не за да го тепа. Ниту едно сомнение не го оправдува насилството врз граѓанинот.

Но, штом се појавија снимките, албанската опозиција се обиде насилството врз двајцата млади да го претвори во политичка пресметка. Почнаа обвинувањата, пропагандата и обидите на случајот да му се даде етнички предзнак.

Суспензијата на шестмината полицајци е доказ дека системот функционира. Ова е победа на интегритетот над манипулациите. Победа на здравиот разум над обидите за разгорување меѓуетнички тензии.

А сега, бидејќи ДУИ ја побара и мојата оставка, имам неколку збора да ви кажам. Вам, на кои јазикот секогаш ви е подготвен за клевети и пропаганда.

Дваесет години бевте на власт. За време на вашето владеење се случија ужасни настани, многу од нив поврзани со постапувањето на полицијата и правосудните институции. Настани што Албанците не ги забораваат.

Не се заборава „Сопот“, каде што ги оставивте луѓето да скапуваат по затворите.

Не се заборава палењето на албанските дуќани, додека вие и натаму седевте како декор во власта.

Не се заборава „Монструм“, ниту навредувањето на Албанците со зборовите „индијанци“.

Не се заборава смртта на Реџаил Ќерими во затвор.

Не се заборава убиството на Харун Алиу.

Не се заборава ниту убиството на Џемаил Реџепи.

За сите овие случаи, и за многу други, што направивте ВИЕ? Ништо. Молчевте!

Колку и да се обидувате да ги избришете овие настани од колективното сеќавање на Албанците, нема да успеете.

Нема да успеете, затоа што Албанците добро ве паметат. Вие сте партија со многу гревови,….. од почеток до крај.

Со заминувањето на ДУИ во опозиција заврши времето на монтирани случаи, убиства, лоповлук и сценарија за политички пресметки. Заврши и времето кога некој мислеше дека може да прави што сака, без да одговара.

Тоа време нема да се врати. Никогаш. Никогаш повеќе!“, изјави Астрит Исени од Влен.

Текстот Влен: Шестмина полицајци се суспендирани, никој не може да избега од одговорност! е превземен од МАКФАКС.