Владо Милев повторно интернационалец – кариерата ја продолжува во унгарска Казинбарчика

Македонскиот одбојкарски репрезентативец Владо Милев повторно ќе настапува надвор од домашното првенство, откако во продолжението од сезоната ќе го носи дресот на унгарската Казинбарчика. Искусниот одбојкар на паузата во шампионатот ја прекина соработката со актуелниот македонски шампион Струмица 47&72, каде што, покрај играчката улога, ја извршуваше и функцијата претседател на клубот.

За Милев, трансферот во Казинбарчика претставува враќање во добро позната средина. Тој веќе има настапувано за овој унгарски клуб во периодот од 2017 до 2019 година, кога освои две шампионски титули и еден Куп-пехар, оставајќи силен печат во тамошното првенство.

Соработката меѓу Милев и Казинбарчика е договорена до крајот на сезоната, а овој потег е дел од неговиот план да остане во врвна натпреварувачка форма во пресрет на обврските со репрезентацијата на Македонија. Во фокусот се настапите во Европската лига 2026, како и учеството на Европското првенство, кое во септември ќе се одржи во Софија.

Со заминувањето на Милев, Унгарија добива уште еден македонски интернационалец, откако претходно Александар Љафтов ги засили редовите на МАВ Елоре. Овој тренд уште еднаш потврдува дека македонските одбојкари се сè поприсутни и ценети во регионалните и европските лиги.