
Виница е во почетна фаза за поврзување со Пречистителната станица за отпадни води во Мојанци. Неодамна беше потпишан договорот помеѓу градоначалниците на Кочани и Виница и директорите на комуналните претпријатија во двете општини, како и министерката за животна средина. Како што вели виничкиот градоначалник, Миле Петков, предвидено е делумна рехабилитација и проширување на канализацискиот систем и системот за атмосферска вода во општината.
„Во тек е изработка на техничка документација за поврзување на канализацијата во Виница и селата Истибање, Јакимово, Лески и Градец на Пречистителна станица за отпадни води во село Мојанци. Веќе се изработени урбанистичките проекти за реконструкција на главниот колектор и секундарната канализациона мрежа. Моментално се работи на изработка на геодетски елаборати за експропријација на земјиштето од каде што ќе поминува главниот колектор. Тоа е почетна фаза која мора да биде завршена пред издавање на одобрението за реконструкција“, истакна Петков.
Отпадните води од градот Виница и селата Истибање, Јакимово, Градец и Лески ќе одат во Пречистителната станица. Меѓутоа, кога тоа ќе се случи сѐ уште не е дефинирано со конкретен временски рок. Петков вели дека сѐ зависи од динамиката на завршување на техничките работи.
„Ова е капитален проект со голема вредност, поврзани се неколку населени места од општина Кочани. Во зависност од динамиката на изработката на геодетските елаборати и постапките за експропријација, ќе следи и постапката за изградба“, додаде Петков.
Пречистителната станица во Мојанци беше пуштена во употреба пред четири години. Наместо отпадните води да се слеваат директно во река Брегалници, на потегот од Оризари до Подлог преку цевковод се третираат во Пречистителната станица. Изградена беше со донација од Швајцарија во висина од 21 милион швајцарски франци, а останатите два милиона се обезбедени од државниот буџет и комуналното претпријатие „Водовод“ од Кочани.
Ребека Спасова М-Нет