
Неклиматизирани автобуси, претовар на работници – ова се дел од констатираните неправилности на терен при контролата на возила кои превезуваат работници во Штип. Координираната акција во населбата Осми ноември ја спроведоа повеќе надлежни институции, и тоа сообраќајна полиција, инспектори од Трудов инспекторат од областа на безбедност при работа и здравје, како и општински сообраќаен инспектор. Иницијативата е на „Гласен Текстилец“, кои во изминатиов период добиваат зголемен број пријави од работници.
„Често добиваме пријави од страна на работничките за тоа дека има претовар во автобусите, што не е нешто ново. Меѓутоа, во последниов период пријавите се зголемени поради условите во кои се возат поради што има неклиматизирани превозни средства. Како што видов и јас досега, има веќе и забрана за некои од превозниците. Меѓутоа, како што кажа и најави градоначалникот, овие акции ќе продолжат и во наредните денови. Мораме да се научиме на ред и дисциплина, значи ова се работници чиишто безбедност и здравје во овој топлотен бран се, навистина, во ризик“, истакна Ампева.
Додека инспекторите ја вршеа контролата на превозниците, градоначалникот, Иван Јорданов, на работничките и работниците им подели флаширана вода во ек на високи температури. Тој посочи дека целта на ваквата акција е да се даде пример за тоа како треба да се превезуваат работници, а да се почитуваат препораките.
„Направивме контрола на превозниците, на превозните средства со којшто се превезуваат вработените, пред сѐ во текстилната индустрија. Дали се почитуваат мерките, дали се климатизирани превозните средства, направивме контрола, а во знак на извинување на вработените, коишто ги задржавме додека траеше контролата, поделивме флаширана вода. Целта на оваа активност, којшто е координирана, е да се почитуваат препораките и мерките во овие топли месеци“, истакна Јорданов.
Контролата на возила кои превезуваат работници ќе продолжи и на почетокот на следната работна седмица, вели Ампева, на други локации во градот.
Ребека Спасова М-Нет